На светските берзи цените на нафтата минатата недела паднаа за повеќе од 2 отсто затоа што американската Централна банка и другите централни банки во светот би можеле да ги задржат каматните стапки на покачени нивоа подолго отколку што се очекуваше.
На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела се намали за 2,1 отсто, на 82,12 долари, додека на американскиот пазар барелот поефтини за 2,8 отсто, и чинеше 77,72 долари.
Падот на цената на нафтата е последица на стравувањата на трговците дека американската Централна банка би можела да ги задржи повишените камати подолго од очекуваното, бидејќи новите макроекономски податоци покажаа дека инфлациските притисоци во САД и понатаму се зголемени, а пазарот на трудот и понатаму е силен.
Заради тоа, спласнаа изгледите за намалување на каматите на ФЕД во септември.
Намалени се и изгледите за намалување на каматните стапки во Британија, со оглед на тоа што во април инфлацијата порасна повеќе од очекуваното.Повисоките трошоци за задолжување ја забавуваат економската активност, а со тоа и побарувачката за енергенси.
Од друга страна, поддршка на цените им пружија индициите за јакнење на побарувачката за бензин во САД во пресрет на празничниот викенд.
Денешниот Ден за сеќавање на загинатите американски војници го означува почетокот на сезоната на патувања во САД.
Побарувачката на бензин го достигна минатата недела највисокото ниво од ноември, објави во средата Министерството за енергетика, што ги поткрепи цените на нафтата бидејќи американските возачи сочинуваат околу една десетина од светската побарувачка на нафта, а претстојната сезона на возење е столб на нејзиното закрепнување, истакнуваат аналитичарите во нивните извештаи.
Вниманието на трговците сега е свртено кон состанокот на водечките производители од Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и групата нејзини сојузници, на кој се очекува да се одлучува за производството.
ОПЕК + моментално ги намалува испораките за 2,2 милиони барели дневно за да ги стабилизира цените, а повеќето аналитичари очекуваат дека овие производствени намалувања ќе продолжат барем до крајот на септември.
Главно поради геополитичката напнатост на Блискиот Исток, од почетокот на годината цената на нафтата на лондонскиот пазар порасна за околу 6, а на американскиот пазар за околу 7 отсто.







