Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, се изјасни денеска пред американскиот суд во Саипан за виновен за кршење на американскиот Закон за шпионажа, во спогодбата со правосудството на САД со која заврши долгогодишната правна битка, и ја напушти судницата како слободен човек, јавуваат светските новински агенции.
Судијката Рамона Манглона ја одобри спогодбата со обвинителите, ставајќи крај на 14-годишната сага.
Во склад со спогодбата за признавање на вината таа му изрече затворска казна, која тој веќе ја одлежа.
Пет години помина во затвор во Велика Британија.
Откако ја прочита пресудата, обвинителството веднаш го повлече своето барање за екстрадиција на Асанж, што беше голем момент со оглед на тоа што основачот на Викиликс помина години на суд обидувајќи се да избегне екстрадиција во САД.
Судијката рече дека американската влада се согласила да не покренува дополнителни кривични пријави
Асанж се насмевна кога таа претходно му го честиташе роденденот (наредната недела ќе наполни 53 години), велејќи дека се надева дека ќе започне нов живот со таа позитивна нота.
Асанж (52) на сослушувањето на Северномаријански Острови ја призна вината по една точка од обвинението кое го товареше за заговор за прибавување и објавување доверливи американски документи за одбрана.
Тој сега е слободен човек и може да се врати во својата родна Австралија после години поминати во егзил.
Платформата на Асанж, Викиликс, објави илјадници доверливи американски воени документи за американската инвазија на Авганистан и Ирак.
Вашингтон тврдеше дека Австралиецот со тоа ги загрозил животите на американските агенти и дека нема оправдување за неговите криминални дела.
Неговите поддржувачи, пак, го слават како херој кој беше кривично прогонуван за откривање американски злосторства.
Меѓу другото, во 2010 година Викиликс објави видеоснимка од американски воени хеликоптери кои убиваат цивили во главниот град на Ирак, како и информации за стотици цивили убиени за време на американската инвазија на Авганистан.
Британската полиција го уапси Австралиецот во 2019 година во амбасадата на Еквадор во Лондон, каде што престојуваше седум години.
(Фото: Викиликс / Ројтерс)






