Во Португалија, сите училишта беа затворени, а јавните служби што не се од суштинско значење беа прекинати поради силна атлантска бура што се приближува кон копното.
Улиците беа главно пусти пред доаѓањето на бурата „Чарлс“, откако владата ги повика граѓаните да останат дома. Се очекува португалскиот брег да биде зафатен од обилни дождови и разбранувано море, придружени со ветрови кои ќе достигнат брзина и до 140 километри на час.
Ова е првпат Португалија, поради најавената бура, да ја прекине наставата во сите училишта во земјата – вкупно околу 8.000.
Еден од најголемите ланци на супермаркети во земјата ги затвори своите продавници, додека меѓународната технолошка конференција во Лисабон, на која се очекуваше присуство на околу 70.000 луѓе, ги откажа сите активности предвидени за денес.
Во јануари, португалската влада од десниот центар се соочи со остри критики поради слабиот одговор на бурата „Кристина“, која го зафати централниот дел на земјата, при што беа соборени илјадници дрвја и предизвикана е голема штета на објектите, кои сè уште се поправаат.
Се очекува бурата „Чарлс“, која доаѓа од југозапад, најсилно да го погоди атлантскиот брег во текот на попладневните и вечерните часови, откако во вторникот, со ветрови што достигнуваа брзина и до 130 километри на час, ја зафати португалската островска територија Мадеира.
Фото: принтскрин







