На денешната прес-конференција, пратеникот и претседател на Левица, Димитар Апасиев, го најави почетокот на правната војна против лихварските практики на финансиските друштва, која пратеничката група на Левица ја започнува со поднесување на првиот пакет од четири законски измени за забрана на рекламирањето на брзите кредити, се вели во соопштението од ПП Левица.
Апасиев посочи дека задолжувањето на граѓаните преку финансиските друштва добива епидемиолошки размери. Од околу 14.000 активни договори за кредит во 2015 година, бројката во првото полугодие од 2026 година надминува 260.000 активни договори. Според неговите проценки, до крајот на годинава оваа бројка би можела да достигне меѓу 300.000 и 350.000.
„Тоа значи дека секој четврти граѓанин е задолжен со брз кредит. Затоа профитот од 23 милиони евра на овие финансиски лихварски друштва се искачил на 230 милиони евра. Оттука сметаме дека по сите параметри овие кредити спаѓаат во групата на лихварски кредити коишто се забранети согласно нашиот Закон за облигациони односи”, истакна тој.
По спроведената кампања, во рамки на која до Апасиев пристигнале над 500 пораки од засегнати и оштетени граѓани, како заеднички проблем се издвојува агресивниот и доведувачки во заблуда маркетинг на финансиските друштва, односно „шарените лаги” како што ги нарече тој. Со реклами за пари во кеш за пет минути, кредити само со лична карта и без камати, во должничкиот круг се вовлекуваат токму најранливите категории граѓани.
Со првиот пакет законски измени, кој ги опфаќа Законот за финансиски друштва, Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Законот за заштита на потрошувачите и Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити, Левица предлага забрана за рекламирање на финансиските друштва во електронските и печатените медиуми, како и преку билборди и други форми на рекламирање.
Апасиев најави дека ова е само првата фаза од законодавната офанзива на Левица, по која ќе следуваат законски измени за заштита на граѓаните од вознемирување и вонсистемска присилна наплата на долговите, забрана на скриените трошоци кои достигнуваат и до 120% од износот на кредитот, како и префрлање на надзорот врз финансиските друштва под ингеренции на Народната банка, со крајна цел – целосна забрана на овие финансиски друштва.
Апасиев изрази очекување дека околу овие законски решенија ќе се постигне консензус меѓу сите пратенички групи во Собранието







