Основното училиште „Страшо Пинџур“ со години спроведува новогодишни и божикни хуманитарни акции со што придонесува да се развива хуманата мисла кај најмладите.
И оваа година за божикните празници дечињата и вработените од ова училиште спроведоа хуманитарни активности.
Едната од нив беше насловена „Подари насмевка“, при што се собраа 20.000 денари помош за лекувањето на Влатко Мицкоски кој боледува од бубрежен канцер.
Другата акција беше реализирана во „Институтот за белодробни заболувања кај децата“ во Козле, каде беа подарени Новогодишни пакетчиња на болните деца.
По иницијативата на директорот на училиштетото Методи Наковски, целиот персонал и учениците на болните дечиња за миг им ги разубавија новогодишните празници со надеж за побрзо закрепнување.
На овој начин тие успеаја да пренесат порака до сите дека хуманоста е најголемата човечка доблест и дека таа постојано треба да се негува.
Се надеваат, велат, дека 2017 година ќе биде полна со здравје, љубов и среќа за Влатко и за дечињата кои се лекуваат во Институтот за белодробни заболувања кај децата.
Персоналот од болницата во Козле и децата кои се моментно на лекување во оваа здравствена институција од се срце им се заблагодарија на хуманиот гест на вработените во училиштето, и секако најголема благодарност изразија до учениците со огромно хумано срце, од кои, како што наведоа, сите може да научат за значењето на хуманоста.







