Без договор заврши повеќечасовниот состанок на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, со четворицата партиски потпретседатели Теута Арифи, Невзат Бејта, Иџет Меџити и Садула Дураку, попладнево во Мала Речица.
Состанокот бил дел од серијата консултации во партијата за позиционирањето на ДУИ во преговорите за состав на новата влада на Македонија. Ова вечерва го потврди портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.
„Се уште немаме донесено конкретна одлука, се уште ги анализираме сите опции што се поставени на маса, сите аргументи за и против. Знаеме за одлуката и важноста на оваа одлука, состојбата е деликатна, знаеме дека роковите се кратки, меѓутоа конечна одлука немаме. За секоја од опциите има аргументи што се ставени на маса. Се анализираат последиците на секоја од тие опции. Нам пред се ни е интересот на граѓаните и на државата“ изјави Османи.
Денеска немало седница на Централното претседателство на ДУИ, а овој вид консултативни состаноци во партијата ќе продолжел и утре, посочи портпаролот на ДУИ.
„Претседателот Ахмети со потпретседателите и со други членови на претседателството анализираа аргумент по аргумент. Централното претседателство ќе се свика кога ќе сметаме дека има некои предлози за конечни одлуки. Ние сме свесни за роковите и посакуваме што побрзо да се најде решение за да може да постигнеме политичка стабилност. Сметам дека треба одлуката да биде добра, отколку да биде навремена“ напомена Османи.
Во недела на полноќ истекува последниот законски рок во кој мандатарот Никола Груевски може да поднесе предлог за влада.







