Три месеци по свеченото доделување на кое не присуствуваше, американскиот музичар и поет Боб Дилан ја прими Нобеловата награда за литература за 2016 година.
На приватна церемонија во Стокхолм, организирана пред негов настап на претходно закажан концерт во истиот град, Дилан ги примил Нобеловиот медал и дипломата, што традиционално им се доделува на сите добитници.
На церемонијата не била повикана и не присуствувала ниту една медиумска куќа.
Член на шведската Академија изјавил дека церемонијата поминала многу добро, но и дека Боб Дилан оставил впечаток на „фин и љубезен човек“.
Академијата пак претходно објави дека Дилан нема да го одржи традиционалното предавање коешто е обврзувачко за сите добитници и дека ќе испрати аудио снимка од своето предавање.
Нобеловата награда за литература изнесува осум милиони шведски круни или 900 илјади американски долари, но Дилан може и да не го добие паричниот дел од наградата доколку до јуни годинава не го испрати своето предавање.







