САД очекуваат брзо формирање на влада која ќе биде посветена на реформската агенда и интеграција на земјата во ЕУ и НАТО, порача американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли.
Бејли во изјава за медиумите по одбележувањето на Денот на НАТО во Скопје, рече и дека очекува партиите да ги исполнат сите елементи од договорот од Пржино.
„Имаше избори во декември, за кои се оцени дека се кредибилни. Пратениците седнаа во Собранието, беше декларирано собраниско мнозинство и мислиме дека не е во согласност со демократските принципи и со Уставот да не се дозволи да продолжи процесот на формирање на владата. Секако, од политичките лидери и од граѓаните на Македонија ќе зависи како ќе одат напред, но ова е клучно за македонската интеграција во НАТО и во Европската Унија, како што кажа вчера претседателот на Европскиот совет“, изјави Бејли.
Тој, одговарајќи на новинарско прашање, истакна дека не може да шпекулира за следните чекори доколку не се формира влада набргу.
„Ние го помагавме дијалогот во договорите во Пржино, но вашите институции се местото каде што ова треба да се разреши. Имате Собрание и таму може да се дискутира за сите прашање. Важно е да одите напред со формирање на владата. Ако не одите напред, тоа ќе значи одложувања на одлуки, можеби нереализирање на проекти. И, на крајот, граѓаните ќе мора да одлучат дали сакаат нивното Собрание и политички лидери така да постапуваат, рече Бејли.
Запрашан да ја коментира изјавата на албанскиот премиер Еди Рама и други албански официјални лица, американскиот амбасадор истакна дека САД остануваат на ставот за тоа дека соседите треба да стојат понастрана од случувањата во Македонија.
„Како што реков пред неколку недели, ги повикуваме соседите од регионот да бидат воздржани и да и дозволат на Македонија да оди напред со овој процес. Јасно е дека ова е чувствително прашање. САД го користи името Република Македонија и го признавме македонскиот идентитет, посочи Бејли.
За тоа дали ставот кон претседателот Ѓорге Иванов за недавање на мандатот на лидерот на СДСМ е омекнат, со оглед на тоа што порано имало подиректни пораки, амбасадорот рече дека стојат зад нивни сите изјави кажани претходно.
„Го повикуваме претседателот да го придвижи процесот. Исто така, важно е Собранието да дозволи процесот да се придвижи напред, а јасно е дека тука прв чекор треба да биде избор на спикер на Собранието од новиот состав, истакна американскиот амбасадор Бејли.







