За куќата на њујоршката „Петта авенија“, една од двете недвижнини кои за продажба ги огласија државите кои произлегоа од поранешната СФРЈ, заинтересирани се шест потенцијални купувачи, објави „Њујорк пост“.
Весникот наведува дека цената за оваа куќа ќе се движи и до 50 милиони долари.
Во куќата на последно била сместена мисијата на Србија во Обединетите нации, а според зборовите на Тристан Харпер од агенцијата „Даглас Елиман“, куќата е во исклучително добра состојба и тој што ќе ја купи ќе поседува „дел од историјата на Њујорк“.
Тој, меѓутоа, не сака да го открие идентитетот на заинтересираните купувачи, но наведува дека сите се екстремно добро ситуирани поединци од различно потекло.
Оваа зграда се наоѓа на најпрестижното место на „Петата авенија“, во делот меѓу 66 и 67 улица, со поглед на Централ парк, наведува весникот.
Изградена е на четири ката и има два ката во покривот, 18 соби, шест купатила и вински подрум.
Таа била првата зграда со два електрични лифта, кои сеуште се во функција.
Зградата во која е сочуван оригиналниот ентериер, под заштита е на државата и на градот Њујорк од 1969 година.
Во цената влегува целокупната внатрешност на објектот – мебелот, сликите, златен светилник и низ други златни и позлатени предмети.
Во оваа куќа престојувал Јосип Броз Тито, за време на неговата посета на Њујорк, а го купила Федеративна Народна Република Југославија на 24 јануари 1947 година.
Изградена е во 1904 година, по архитектонскиот план на фирмата „Ворен и Ветмур, која го проектирала планот и ги надгледувала работите на њујоршката Централна железничка станица.
Прв сопственик на зградата бил гувернерот на Лонг Ајленд – Роберт Бикман Ливингстон, по кој зградата го носи името „Бикманова куќа“.
Сопственик била и Емили Вандербилт Вајт, сопругата на Хенри Вајт, некогашниот амбасадор на САД во Франција и Италија, и една од ќерките на Вилијам К. Вандербилт, познат индустријалец, прочуен по финансирањето на изградбата на њујоршката Централна железничка станица.
Покрај овој објект, за продажба е огласен уште еден објект на „Парк авенија“ (пентхаус), кој властите на поранешна Југославија го купиле во 1975 година.
Станува збор за шестособен дуплекс апартман, со четири купатила, кој своевремено го користеле југословенските амбасадори во Обединетите нации, чија цена како што изјави Харпер за „Њујорк пост“ е околу 20 милиони долари.
Весникот наведува дека Македонија, Србија, Хрватска, Црна Гора, БиХ и Словенија продаваат недвижен имот и во Јапонија, Германија и Швајцарија.








