Денеска во Франција на сила е предизборен молк пред првиот круг од претседателските избори на кои во недела ќе се натпреваруваат 11 кандидати.
Молк почна вчера на полноќ и ќе трае до недела до 20 часот, кога се затвараат избирачките места.
Речиси 47 милиони Французи се повикани на избори чиј резултат е неизвесен поради тесната разлика меѓу фаворитите во првиот круг: централистот Емануел Макрон, екстремната десничарка Марин Ле Пен, десничарот Франсоа Фијон и радикалниот левичар Жан-Лика Меланшон.
Вкупно 66.646 избирачки места ќе бидат отворени во недела во 8, а затворени во 20 часот.
Изборите на прекуокеанските француски територии се одржуваат денеска.
До сега ниту еден кандидат на претседателските избори не е избран во првиот, туку во вториот круг кој овој пат ќе биде на 7 мај.
Според Уставот, претседател на Франција може да се биде најмногу во два мандати, што до сега им појде од рака само на двајца, на социјалистот Франсоа Митеран (1981-1995) кога еден мандат траеше седум години, и на десничарот Жак Ширак кој имаше еден седумгодишен и еден петгодишен мандат.
Инаугурацијата на новиот претседател треба да биде пред 14 мај, кога официјално истекува мандатот на сегашниот, социјалистички кандидат Франсоа Оланд, кој не се кандидираше за втор мандат.
Изборите ќе ги обезбедуваат 50.000 полицајци и жандарми и 7.000 војници.
За првпат во Франција се одржуваат избори додека на сила е вонредна состојба. Воведена е на сила после терористичките напади во 2015 година, а пред само два дена дојде до нов напад во Париз во кој загинаа две, а беа ранети три лица.







