Оваа и минатата година во Србија вкупно 188 навивачи дуелите на својата екипа можат да ги гледаат само во полициска станица, но тоа го прават под претпоставка дека во службената канцеларија има телевизор.
Станува збор за припадници на навивачки групи на Партизан, Црвена Звезда, Рад, ОФК Београд….
На сите нив им е изречена забрана за присуство на одредени спорски случувања поради насилничко однесување на фудбалските и кошаркарските натпревари.
Казнетите во најголем број се хулигани кои пред, во текот и после натпревар, предизвикале нереди, се тепале, фрлале пиротехнички средства и на други начини загрозиле туѓи животи.
Обврска на секој од тие навивачи е пред натпревар да дојде во полициска станица според местото на живеење и да се пријави. Специјално за нив обезбеден е простор каде што можат да престојуваат додека натпреварот не заврши.
Во случај ако лицето против кое се превземени мерки се оглуши на изречената забрана, против него се поднесува прво прекршочна, а после тоа и кривична пријава.
Измените и дополненијата на српскиот Кривичен законик кои стапуваат на сила на 1 јуни, пропишуваат дека оние кои ќе ја прекршат забраната утврдена со изречена мерка, ќе се казнат со парична казна или со затвор до шест месеци.
Меѓу овие 188 лица, кои мораат да се јавуваат во полиција е и Иван Богданов, водач на навивачката група на Црвена Звезда. Меѓутоа, тоа мора да го прави само кога игра српската фудбалска репрезентација.
Тој има забрана да ги гледа натпреварите на Србија и противниците, како на домашен терен, така и во странство.
Богданов е во полициска станица само кога „орлите“ играат на домашен терен. А кога натпреварот се игра во странство мора да го предаде пасошот еден месец пред одигрувањето. Патната исправа му се враќа дури по враќањето на фудбалерите во државата.
Нему меѓу првите му беше изречена ваква мерка и таа е правосилна од 2015 година.
Тој беше предводник на хулиганите кои, на 12 октомври 2010 година во Џенова, го прекинаа фудбалскиот натпревар меѓу Италија и Србија.








