Македонскиот народен театар со претставата „Животот е прекрасен“ во режија на Александар Морфов гостува на 41. Денови на сатирата во Загреб, на големата сцена во Хрватско народно казалиште.
Фестивалот Денови на сатирата беше отворен на 2 јуни во организација и реализација на сатиричниот театар Керемпух.
Овој познат фестивал кој секогаш бил многу посетен и се темели на претстави со висок жанровски и стилски распон е со моќна присутност на хрватски автори и авторски проекти.
Од вкупно 47 пријавени претстави, селекторите се одлучија за 15 наслови/претстави кои ја сочинуваат овогодинешната програма, составена од дела на современи автори и авторски проекти, но застапени се и адаптации на класиците. Во селективната програма е и Македонскиот народен театар со претставата „Животот е прекрасен“.
Во програмата на 41-то издание Денови на сатирата ќе бидат одиграни шест хрватски претстави, три словенски, две од Србија, една од Македонија, Германија и Црна Гора, а една од претставите е српско-црногорско-унгарска копродукција.
Автори на претставите се: Семуел Бекет, Ричард Беан, Бобан Скерлиќ, Рајко Грлиќ, Анте Томиќ, Мате Матишиќ, Иван Видиќ, а режисерите ги потпичуваат Саша Божиќ, Винко Брешан, Јануз Кица, Кокан Младеновиќ, Милан Нешковиќ, Вито Тауфер, Игор Вук Торбица.
Организаторите на фестивалот очекуваат повеќе од 300 изведувачи и учесници, а затварањето е во недела на 21 јуни со доделувањето на наградата 41 „Денови на сатирата Фидел Хаџиќ“, а оценката за најдобра претстава ќе ја даде комисијата во состав: Бојана Радовиќ, театарска критичарка во „Вечерен лист“, драмскиот уметник Ливо Бадурина и драмскиот писател Томислав Зајец.
Душко Љуштина, директорот на Сатиричниот театар Керемпух, изјави дека од далечната 1976 година, секоја наредна година, претставите на најдобар можен начин ја промовираат сатирично-комедипграфската литература.
„Фестивалот оваа година е три прати поскап, па тоа веројатно значи дека е најдобар до сега“, изјави Љуштина.
Освен во Керемпух, програматра Денови на сатирата ќе се реализира и во Хрватско народно казалиште и во театарот за млади во Загреб.







