Еврокомесарот за европска соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан денеска ќе престојува во Македонија на разговори околу плановите за реформи на новата македонска Влада, но да ја повтори поддршката на Европската унија за земјата да ги спроведе неопходните реформи за во иднина да стане членка на Унијата.
Предвидено е Хан прво да има тет-а-тет средба со премиерот Зоран Заев, а потоа и средба со владина делегација составена од вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров.
По средбите, Хан ќе присуствува на седница посветена на итните реформски приоритети за евро-атланските интеграции на Македонија.
Во пресрет на посетата, Хан изјави дека и владата и опозицијата треба да се фокусираат на имплементацијата на договорот од Пржино и да ја вратат Македонија на патот кон Европската унија. Според Хан, Македонија со континуирана помош од ЕУ конечно ја надмина политичката криза преку добро спроведени избори и со формирање на нова влада. Реформите, посочи тој, мора да се направат за да се подобрат животите на луѓето, да се работи за стабилност, просперитет и правда.
Денес во Скопје пристигнува и германскиот експерт, поранешен директор на Директоратот за проширување на ЕУ, Рајнхард Прибе, кој од петокот е во Охрид како предавач на Летната школа за правници.
Прибе треба да и помогне и да ја советува новата Влада за прашањата на системското владеење на правото.







