Во неодамнешниот сајбер напаб којшто ја погоди Украина, биле вмешани руски безбедносни служби, соопшти државната безбедносна служба на Украина (СБУ), тврдејќи дека целта била уништување на важни податоци и ширење паника.
СБУ, исто така, соопшти дека нападот кој во Украина започна во вторникот, а потоа се прошири по светот го извеле истите хакери кои во декември 2016 година извршија напад на украинската електронска мрежа.
Украинските политичари брзо ја обвинија Русија за сајбер напад, а портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги отфрли тие „неосновани обвинувања“.
„Достапните податоци, вклучувајќи ги и оние добиени во соработка со меѓународните антивирусни компании, ни даваат причина да веруваме дека во нападите се вклучени истите хакерски групи кои лани, во декември, го нападнаа финансискиот систем, транспортните и енергетски објакти на Украина користејќи „Телебот“ и „Блекенерџи“. Ова сведочи за учество на специјалните служби на Руската федерација во нападот“, соопштија од СБУ.
„Блекенерџи“ или „Тројански коњ“ е вирус кој е користен во сајбер нападите на украинската мрежа во 2015 година кога делови од таа земја останаа без струја, а „Телебот“ е вирусот кој бил користен при нападот на финансискиот сектор на Украина.
Државната електронска дистрибуција на Украина „Укренегро“ беше погодена во два наврата, во вторник и во четвртокот, со два различни вируси.
Вирусот бил малку од поинаква природа, сличен на вирусот „ВонаКрај“. Ефектот од нападите бил безначаен со оглед на тоа дека некои од компјутерите не биле приклучени на интернет.
„ВонаКрај“ (WannaCry) е компјутерски ренсомвер вирус кој бил употребен во сајбер нападот ширум светот во мај оваа година.
Првиот компјутерски вирус којшто се појави во Украина во вторникот влокираше илјадници машини, ја запре работата на пристаништа, фабрики и канцеларии ширејќи се на компјутерските мрежи во околу 60 држави.







