Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, прогласи победа на изборите за уставотворното собрание. Опозицијата ја оспори победата велејќи дека гласале само 12 отсто од избирачите.
За време на гласањето многу демонстранти против изборите што ги спроведе претседателот константно се судираа со полицијата. Според полициски извори, животите ги загубиле најмалку 10 лица.
„Имаме уставотворно собрание“, рекол Мадуро обраќајќи им се на стотици свои приврзаници во Каракас кога изборната комисија соопшти дека на изборите излегле 41,5 отсто од избричите. Од друга страна, опозицијата наведува дека одѕивот бил само 12 отсто.
„Ова е најголема победа што револуцијата ја оствари во 18-годишната историја“, рекол Мадуро.
Гласачите избирале 545 члена на уставотворното собрание, чие формирање го бараше претседателот на Венецуела.
Опозицијата со месеци се противи на овој предлог со образложение дека Мадуро само ќе ја зајакне диктатурата.
Мадуро, кој е непопуларен во Венецуела поради економскиот колапс кој во изминатите четири години ѝ се случи на државата, инсистирал на гласањето со цел да се оформи собрание кое би имало широки овластувања.
На ваквиот предлог опозицијата одговори со повеќемесечни протести, а САД ѝ се заканија на Венецуела со санкции.
Критичарите предупредуваат дека собранието ќе му овозможи на Мадуро да го распушти Конгресот во кој мнозинството го има опозицијата, односно дека ќе ги одложи идните избори и ќе ги смени изборните правила.
Американската амбасадорка во Обединетите нации, Ники Хејли, преку „Твитер“ порачала дека изборите што ги организира Мадуро се „уште еден чекор кон диктатура“ и дека САД „нема да ја прифатат незаконската влада“ во Каракас.
Агенцијата „Ројтерс“, која го објави твитот на Хејли, пишува дека ова може да се толкува и како прв официјален став на Вашингтон на гласањето што го организира претседателот Мадуро.







