Повеќе групи на мигранти овие денови се откриени во камиони и во возови од страна на припадници на Министерство за внатрешни работи на Словенија, јавуваат денеска словенечките медиуми.
Полицијата потврди дека во средата на граничниот премин Брегана-Обрежје, при контрола на патници и товар во три возила открила илегални мигранти.
Во камион кој сообраќал од Бугарија за Франција пронајдени се под церада тројца државјани на Авганистан, во камион кој се движел од Македонија во Германија откриени се двајца „слепи“ патници од Алжир, а во товарно возило упатено од Турција за Германија уште пет Авганистанци, скриени меѓу товарот.
Исто така, во Добово при контрола на товарен воз од Србија за Италија словенечките полицајци пронашле 13 државјани на Тунис кои се криеле во вагоните, а сите по предвидената постапка им се предадени на хрватските органи.
Поради информациите за можно ново засилено движење на илегални имигранти кон север, Австрија вчера воведе построги мерки за контрола на своите граници, особено во товарниот сообраќај.








