Иранскиот милијардер Реза Зараб кој во март годинава во Мајами, САД, беше уапсен и обвинет за трансакции од стотина милиони долари во име на владата на Иран и други ирански ентитети, кои беа забранети со американски санкции, перење пари од тие нелегални трансакции и измама на неколку финансиски институции со прикривање на вистинската природа на овие трансакции имал македонска патна исправа. Пасошот му бил издаден на неговиот втор идентитет Риза Сараф, открива Макфакс.
Министерството за внатрешни работи на Македонија потврди дека во базата на податоци за издадени лични документи постои лице со име и презиме Риза Сараф.
„На лицето Сараф Риза, роден 12.9.1983 година во Техеран, од татко Хосеин и мајка Шахен, со решение на Министерството за внатрешни работи број 11.1.2- 63475/1-2015 година, му е дадено државјанство на Република Македонија во согласност со чл. 11 од Законот за државјанството на Република Македонија. Од извршената проверка во евиденциите на издадени лични документи утврдено е дека именуваниот поседува важечка лична карта и важечка патна исправа“, велат од МВР.
Риза Сараф го поднел барањето за пасош на 2 октомври 2015 година, а пасошот му бил издаден на 29 октомври во согласност со позитивно мислење на владата, се наведува во текстот на Макфакс.
Извори од МВР, неофицијално, велат дека не се изјасниле сите служби позитивно за одобрување на пасошот на иранско-турскиот бизнисмен.
„Позитивно мислење за да му се издаде пасошот на Риза Сараф дале Управата за безбедност и контраразузнавање и Министерството за економија. Мислењето, пак, од Министерството за финансии било негативно, велат неименувани извори и нагласуваат дека не е неопходно сите мислења да бидат позитивни за странецот да добие пасош.
Пасошот на Риза Сараф, само неколку месеци пред да биде уапсен во Америка, го потпишал Митко Чавков. Две недели по потпишувањето, на 11.11. 2015, Чавков беше сменет и на чело на МВР дојде Оливер Спасовски.
Членот 11 од Законот за државјанството на Република Македонија, по кој му е дадено државјанство на Риза Сараф, овозможува странец кој наполнил 18 години да може да стекне државјанство на Република Македонија ако тоа претставува особен научен, економски, културен, спортски или друг национален интерес.
Уредбата за утврдување на критериумите за стекнување македонско државјанство е донесена во декември 2012 година. Според уредбата, странците може да побараат државјанство ако инвестирале во Македонија со директна инвестиција, донација, купување хартии од вредност, купување акции, ако инвестирале со знаење и искуство, иноваторство и слично.
Врз основа на оваа уредба од усвојувањето до денес, според податоците на МВР, издадени се државјанства на стотина лица.
Риза Сараф е вториот „бизнисмен“ кому Македонија му даде пасош за тој набргу потоа да биде уапсен под сериозни обвиненија. Првиот беше индискиот бизнисмен Субрата Рој, кој најави милионски инвестиции во Македонија, но не ги реализира.
Меѓу 2013 и 2017 година со македонско државјанство стекнале 5.319 лица, од кои 91 лице во согласност со чл. 11 од Законот за државјанството.
Реза Зараб е сè уште во затвор. Во тек е судскиот процес против него. Заедно со него беа уапсени и обвинети и двајца ирански државјани – Камелија Џамшиди и Хосеин Наџазаде, но тие по сослушувањето беа пуштени да се бранат од слобода.
Неговите адвокати во неколку наврати побараа од судот во Менхетн ослободување на Зараб и негово префрлање во домашен притвор, а за тоа понудија кауција од 50 милиони долари но, обвинителите се спротивставија на овој предлог и инсистираа тој да остане во притвор поради опасноста дека со неговите три пасоши што беа најдени кај него може многу лесно да ја напушти Америка и да се смести во земја што нема да го екстрадира.
Според американските власти, бизнисот на Реза Зараб има годишен обрт од 11 милијарди долари. Тој е сопственик на 20 луксузни имоти во светот, автомобили, јахти, приватен авион и повеќе од 10 милиони долари во уметнички дела.
Против Зараб, според пишувањето на турските медиуми, се водела истрага и во 2013 година поради сомнение дека поткупувал високи владини функционери, но бил ослободен од сомнението кога турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го отфрли случајот како обид за државен удар оркестриран од неговите политички непријатели.







