Полицијата, војската и службите за Итна медицинска помош се во трка со времето за да успеат да ги спасат преживеаните после разорниот земјотрес во Мексико, кој за сега однесе 61 живот.
Југот на Мексико е најтешко повреден, а спасувачите бараат преживеани во рушевини од куќи, цркви и училишта, уништени во земјотресот со јачина од 8,1 степени по Рихтер.
Претседателот на Мексико Енрике Пења Нијето соопшти дека 45 лица го загубиле животот во Оахака, 12 во Кијапасо и четири во Табаско, каде меѓу мртвите имало и две деца.
Меѓутоа, како што велат државни официјални лица, мртви би можело да има преку 80, пишува АФП.
Властите, исто така, се плашат дека уште еден земјотрес би можел да следи во следните 24 часа од првиот удар.
Во меѓувреме, Националниот центар за урагани на САД соопшти дека ураганот Катја, кој ќе го погоди истокот на Мексико, би можел да предизвика поплави и свлечишта опасни по живот, особено во планинските предели. Ураганот ескалираше во втора категорија.
Земјотресот се почуствува 800 километри од епицентарот, во престолнината на Мексико, во Мексико Сити, каде што многу жители побегнаа од своите домови, откако ги слушнаа сирените кои предупредуваат на опасност од земјотреси.
Земјотресот се смета за најсилен во последните 100 години, посилен дури и од разорниот земјотрес што го погоди Мексико Сити во 1985 година.
Мексико се наоѓа на пет тектонски плочи, што земјата ја прават исклучително погодна за земјотреси.











