Пратениците на Коалицијата „За подобра Македонија“ утре ќе поднесат предлог закон во Собранието на Република Македонија за зголемување на пензиите за 650 денари на околу 300.000 пензионери во државата, изјави на денешната прес-конференција Антонијо Милошоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Доколку овој закон се усвои во Собранието со поддршка на уште само 10 пратеници покрај Коалицијата „За подобра Македонија“ тогаш од февруари идната година пензионерите ќе добијат 650 денари повеќе како што беше пракса додека ВМРО-ДПМНЕ раководеше со владата на Република Македонија, изјави Милошоски.
ВМРО-ДПМНЕ, продолжи тој, во изминатите години од своето владеење ги зголеми пензиите на сите пензионери во државата и посочи дека просечната пензија од 7.680 денари во 2006 година, на крајот на 2016 година стигна до 13.750 денари.
„Ги повикуваме пратениците од Социјал-демократскиот сојуз да не ги попречуваат пензионерите да го добијат она што стана како пракса во државата кое што покажа капацитет да ги зголемува пензиите за 5 проценти до 2016 година, изјави Милошоски.







