Полицијата и УЈП со нова викенд акција во угостителските објекти. Овој пат во Тетово, Гостивар, Битола, Велес и Прилеп. Приведени вкупно 26 лица, а 19 објекти добија пломби на вратите за непочитување на законските прописи. Во Тетово и Гостивар се регистрирани најголемиот дел од законските прекршувања.
„Контролите почнаа во различен временски интервал, после 22 часот, како што беше случајот во Прилеп и продолжи се до раните утрински часови на подрачјето на СВР Тетово и СВР Велес. При изввршените контроли на 19 објекти од страна на УЈП и Државниот пазарен инспекторат, изречени се мерки забрана за вршење на дејност во траење од 15 или 30 дена, поради непочитување на законските прописи, согласно Законот за готовинско плаќање односно неиздавање на фискални сметки. “ – вели Лазе Велковски – директор на БЈ.
Од приведените, 16 се македонски државјани кои поседувале дрога или не носеле документи за лична идентификација, додека 10 се странски државјанки од Србија и Црна Гора поради злоупотреба на туристички престој и нерегулиран престој во земјава. За време на акцијата, затекнати се тројца обезбедувачи без легитимации, но директорот на БЈБ не сакаше да открие во која агенција за обезбедување се вработени. За агенциите најави информации по завршувањето на истрагата. По реакцијата на здржението на угостители Хорекапи дека специјалци ги плашат гостите, Велковски беше прашан зошто во некои локали беа забележани и специјалци. Директорот на БЈБ одговори дека за дел од локалите имале безбедносна проценка за можни насилства.
„Ние во сите тие објекти не влеговме со припадници од одделот за специјални полициски операции, туку со нив влегуваме онаму каде што врз основа врз претходна безбедносна анализа ќе се утврди дека безбедноста е во ризик.“ – вели Велковски.
Во полицискиот билтен МВР информираше и за еден повреден полицаец во Крива Паланка, токму при проверка на угостителски објект. По синоќешната акција, реагираше опозицијата обвинувајќи ја владејачката партија злоупотребата на институциите за изнудување пари.
„Доцна синоќа на удар беа локали во Прилеп и Битола кои немаат врски или не платиле некому од локалното раководство на СДС или директно кај Вицето. Кој им јави за инспекциите на оние на кои не им беа пишани казни?“
Минатата сабота, полицијата ги проверуваше локалите во главниот град, а од 24 проверени локали, 13 завршија со пломбирани врати.







