Две ракети истрелани се вечерва во правец на Израел од Појасот Газа, а паднале во границите на Појасот, наведуваат израелски медиуми.
Звукот на сирената, предупредувајќи на ракети, се слушна во јужниот израелски град Ашкелон и израелските населби северно од крајбрежните енклави, објави израелскиот весник „Хаарес“.
Ракетите се истрелани среде судирот во Газа, на Западниот брег и во источен Ерусалим во моментот кога Палестинците протестираат против одлуката која вчера ја соопшти американскиот претседател Доналд Трамп дека САД го признаваат Ерусалим како престолнина на Израел, наведува медиумот.
Израелската војска вечерва соопшти дека гаѓала цели во појасот Газа како одговор на ракетите истрелани на Израел.
Исто така е речено дека една ракета експлодирала на југот на Израел, истрелана со уште две други кои паднале во рамките на палестинската територија.
Официјални воени лица изјавиле дека војската дејствувала со авиони и со тенкови врз два воени пункта во појасот Газа, одговорни за сето насилство што потекнува од таа територија.
Палестинската група Хезболах денеска соопшти дека поддржува нова Инфтифада, односно палестинско востание против Израел.
„Го поддржуваме повикот на нова Интифада и засилен отпор (против Израел), што е најголем и најважен одговор на одлуката на Америка“, порача лидерот на Хезболах, Саид Хаса Насрала, мислејќи на одлуката на САД да го признае Ерусалим како престолнина на Израел, пренесува Ројтерс.
Хезболах ја поддржа новата Интифада, и покрај фактот дека ниту Втората интифада, која почна во септември 2000 година, официјално не е завршена.
Претседателите на Русија и Турција, Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган, денеска во телефонски разговор изразиле сериозна загриженост поради американската одлука за признавање на Ерусалим како израелска престолнина, соопштија од Кремљ.
Двајцата лидери се сложиле дека не може да се дозволи понатамошна ескалација на тензиите на Блискиот исток, се наведува во соопштението.
Путин и Ердоган, исто така, се сложиле дека фокусот треба да биде на изнаоѓање компромис, вклучувајќи го и статусот на Израел, пренесува Ројтерс.
Советот за безбедност на Обединетите нации ќе одржи утре вонредна седница, по повод речението на Трамп.
Најмалку 38 лица се повредени денеска кога израелски војници отвориле оган на демонстрантите во Појасот Газа и на Западниот брег.
Илјадници демонстранти излегле на улиците во градовите хеброн и Ал Бирех на Западниот брег викајќи „Ерусалим е престолнина на Палестина“, а некои од насобраните фрлале со камења кон израелските војници.
Војниците на провокациите одговориле со боева и гумена муниција. Од боева муниција ранети се 11 демонстранти, а уште 20 се повредени со гумени куршуми, соопштиле лекари, пренесува Ројтерс.
Според наводи на Министерството за здравство на Палестина, седум демонстранти се ранети со боева муниција на границата, од кои еден е во критична состојба.
Портпаролката на израелската војска соопшти дека војниците користеле „опрема за разбивање на демонстрации“ против стотина демонстранти кои фрлале камења и тврди предмети.
Палестинските власти повикаа на генерален штрајк по повод одлуката на Трамп.
Американскиот државен секретар, Рекс Тилерсон, денеска по повод критиките на сметка на Трамп рече дека „претседателот на САД само ја признал реалноста“.
Тилерсон постапката на Трамп ја бранеше на маргините на конференцијата на ОБСЕ во Виена.
САД, како што додал, уште ќе го поддржи и „дводржавното решение за израелско-палестинскиот конфликт, ако е тоа желба на двете страни“ и додал дека за конечниот статус на Ерусалим треба да се договорат Израелците и Палестинците.
„Целиот свет сака мировен процес и САД уште верува дека постои шанса за тоа“, истакнал Тилерсон.
Израелскиот град Кирјат Јам, пак, планира тамошниот парк да го нарече по претседателот на САД, Доналд Трамп во чест на неговата одлука за именување на Ерусалим за израелска престолнина и во него да ја префрли американската амбасада, пренесе АП.
Се наведува дека градоначалникот на тој град на северот на Израел, Давид Евен Зур, потегот на Трамп го нарекол „историски“ и додал дека во прашање е „храбар чекор без преседан, кој ниту еден од неговите претходници не бил подготвен да го направи“.
„Доналд Трамп му докажа на целиот свет дека Ерусалим му е во срцето и ние на овој начин ќе му покажеме дека тој се наоѓа во нашите срца“, соопштил Евен Зур.








