Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева денеска побара да се донесат соодветни решенија со цел СЈО по истекот на мандатот во 2020 година да функционира во рамки на Јавното обвинителство на Република Македонија за да гони корупција од висок профил.
„Законскиот мандат на СЈО не е изминат и затоа сме уверени дека ќе се преземат мерки за имплементација на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор усвоена од Владата на РМ и ова Обвинителство ќе постапува согласно роковите предвидени со Законот за кривична постапка и Кривичниот законик, што е во функција на остварувањето на мисијата за што е формирано ова Обвинителство, истакна Јанева на денешната прес-конференција.
Најави дека доколу надлежните институции во рамки на траењето на мандатот на СЈО изнајдат решенија за начинот на кој ова Обвинителство би можело да поднесува обвиненија до судовите, најави дека обвинителите ќе поднесат и други обвиненија и се подготвени да ги застапуваат пред судовите согласно нивната законска надлежност.
Јанева ја поздрави одлуката на Апелацискиот суд прислушуваните разговори да се користат како докази во судски постапки.
Информира дека од скопското Јавно обвинителство и од Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција Скопје, СЈО ги презело предметите „Скопје 2014“, АКТОР и „Космос“.
СЈО, како што најави подготвува Правилник и други акти за формирање истражителски центар кој, како што рече, во целиот изминат период неформално постои и успешно функционира во ова Обвинителство, а во исто време се изготвува и Правилник и процедура за примена на измените на Законот за заштитени сведоци која е веќе во собраниска процедура.
Специјалното јавно обвинителство активно учествува во работната група формирана од Министерстовто за правда за реформи на правосудниот сектор, со цел создавање независно и ефикасно правосудство.







