Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ) соопшти денеска дека од последиците на војната во Јемен настрадале или се повредени околу 5.000 деца додека 1,8 милиони од нив се ненахранети.
Во извештајот претставен на новинарите во Сани, УНИЦЕФ наведува дека речиси два милиона деца не одат во училиште од почетокот на судирот кој избувнал во март 2015 година.
Речиси половина од младите во таа земја, според наводите во документот, нема пристап до чиста вода за пиење, дека 1,8 милиони се соочуваат со недостаток на храна и дека на 400.000 им е потребна итна помош за да преживеат.
Покрај војната и гладта, Јемен го погоди и епидемија на колера од која заболеле повеќе од еден милион луѓе, додека една четвртина од инфицираните се деца на возраст под пет години.
Во граѓанската војна во Јемен од март 2015 година загинале речиси 9.000 луѓе, неколку десетици илјади се ранети, а повеќе од 2,5 милиони ги напуштиле своите домови. Здравствената и санитарна инфраструктура речиси е потполно уништена.







