Фудбалерите на Вест Бромвич Албион и Ливерпул одиграа денеска нерешено 2:2, во натпревар од 35 коло на Премиер лигата.
Екипата на Јирген Клоп поведе веќе во четвртата минута со голот на Дени Ингс. До 72 минута немаше промена на резултатот, иако имаше прилики на двете страни, а после тоа следеа големи возбудувања на теренот.
Во таа 72 минута на 2:0 за Ливерпул зголеми Мохамед Салах. На Египќанецот тоа му беше 31 погодок од почетокот на сезоната и така тој го изедначи рекордот по бројот на постигнати голови во сезоната од кога се игра Премиер лигата. По 31 гол во сезоната до сега постигнале само Алан Чирер, Кристијано Роналдо и Луис Суарес.
ВБА во финишот на натпреварот се фрли на една карта, и тоа му се исплатеше. Прво Џејк Ливермор во 79 минута намали на 2:1, а во 88 изедначување и еден бод на домашната екипа и донесе Хосе Рондон.
Ливерпул следната недела го очекува првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампиони против Рома, а потоа во Премиер лигата го дочекува Стоук. ВБА, пак, во следното коло му оди на гости на Њукасл.
Денеска Вотфорд и Кристал палас одиграа без голови. Вотфорд поврза шести натпревар без победа и е на 12 место со 38 бодови, а Кристал палас моментно е 15-ти со три бодови помалку. Во следното коло Вотфорд е гостон на Тотенхем, а Кристал палас на свој терен игра со Лестер.







