Три лица загинаа во вооружен инцидент што вчераноќ се случи во центарот на Малме, третиот по големина град во Шведска, соопштија шведските власти.
Уште три лица се ранети во инцидентот, од кои едно потешко, информираат од здравствената служба на регионот Скане, во јужниот дел од државата, пренесува АП.
Според изјави на очевидци, на луѓето бил отворен оган во моментот кога излегувале од интернет кафе во југоисточниот кварт на Малме.
Полицијата соопшти дека во нападот биле истрелани десетици куршуми, како и тоа дека е почната потрага по црн автомобил. Засега никој не е уапсен.







