„Какво мнозинство и да одбере владата, Нова демократија нема да гласа за ратификација на договорот“, соопштуваат од грчката опозициска партија, јавува дописничката на МИА од Атина.
Коментирајќи ја изјавата на лидерот на Независни Грци, коалициониот партнер во грчката влада, дека бара 180, наместо 151 пратеник за грчкиот парламент да го одобри договорот со Македонија, од Нова демократија велат дека „не постојат зборови да се опише Панос Каменос“, кој, според нив, е „олицетворение на политичкото самопонижување“.
„Господата Ципрас и Каменос заедно го потпишаа договорот и целосно ја носат одговорноста за завршените работи што се на товар на Грција“, истакнуваат од Нова демократија и додаваат дека е неопходно што е можно поскоро да се одржат избори.







