Министерот за внатрешни работи на Австрија, Херберт Кикл, јасно порачува дека Австрија нема да прифати мигранти кои Германија ќе ги враќа од своите граници.
„Ако Германија верува дека спротивно на меѓународното право едноставно лицата може да ги враќа во Австрија, тогаш на Германците ќе им објасниме дека ние тие луѓе не ги превземаме“, нагласи тој во интервју на австриската телевизија „Пулс4“.
„Ако германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер смета дека една друга земја, врз основа на одредбите од Даблин, е надлежна за мигранти, како што се Словенија или Хрватска, и дека може да ја избегне постапката за консултација со тие држави, и лѓето едноставно да ги проследи во Австрија, тогаш ќе речеме: Ако се во Германија тогаш и ќе останат таму. За нас нема причини повторно да ги превземаме“, порачува Кикл.
Што се однесува до спорот внатре во Германија за политиката кон мигрантите тој истакна дека не е на линија со канцеларката Ангела Меркел, затоа што заедничкиот пристап мора да биде да се заврши со проследувањето на мигранти.
„Проблемот мораме да го преместиме таму каде што му е местото, а тоа е на надворешните граници на ЕУ“, нагласи тој.
Кикл нема преголеми очекувања од Самитот на ЕУ, но вели дека е добро што е покрената дебата за овој проблем.
„Ако не дојде до голем и значаен договор на овој Самит, тогаш на неформалниот Совет на Унијата во Инсбрук ќе разговараме за нов модел со седум или осум точки за иднината на европскиот систем за азил. Притоа, ќе се обидеме да го прилагодиме системот за азил на потребите на глобалниот свет“, најави тој.







