Фудбалерите на Русија се поразени од Хрватска во четвртфиналето на Светското првенство и тука нивниот сон дека ќе го подигнат победничкиот пехар пред домашните навивачи беше запрен.
„Коцкастите“ после 120 минути игра (2:2) беа подобри при изведувањето на пенали (4:3) и во полуфиналето на шампионатот се среќаваат со Англија.
Меѓутоа, бројни странски медиуми го доведоа во прашање патот на „Зборнаја“ до четвртфиналето, поради информациите дека избраниците на Станислав Черчесов на натпреварите против Шпанија и Хрватска во текот на паузите вдишувале амонијак.
Имено, руските фудбалери на полувремето ја кревале раката до носот и можело да се види дека се обидуваат длабоко да вдишат од она што го држеле. Истото тоа го правеле и резервните играчи пред да влезат на теренот против Шпанија во осминафиналето.
Портпаролот на репрезентацијата објасни за што се работи.
Фудбалерите добиле парчиња пречистен памук натопен со амонијак, кој се користи како стимулатор за дишење, односно за подобар доток на кислород во организмот, а неговото дејство ја зголемува концентрацијата и издржливоста на играчите.
Аминијакот не е на листата на недозволени супстанции, но познатиот германски весник „Билд“ тврди дека ова може да се толкува како допинг.
„За мене тоа е навистина допинг“, дециден е медицинскиот експерт во областа на допингот, Фриц Сергел.







