Сеад Кочан е осуден на казна затвор во траење од шест години, во предметот „Труст“ на СЈО, а Василије Авировиќ на три години. Тие се обвинети за злоупотреба на постапка за јавна набавка.
И Кочан и Авировиќ не ќе можат да бидат управители или одговорни лица во фирма во траење од по 3 години.
Третообвинениот во случајов, Сафет Ватиќ, е ослободен од обвинението. Запре постапката и за неговата фирма „Вато“ ДООЕЛ.
Ниту тој, ниту фирмата не направиуле кривично дело.
Василије Авировиќ не беше присутен на изрекување на пресудата затоа што тој, според зборовите на неговите адвокати, не се чувствувал добро.
Фирмите „Трансмет“ и „Силекс неметали – Кратово“ добија парична казна од два милиони денари која треба да ја платат во рок од 30 дена од изрекување на пресудата.
Патем, и „Трансмет“ и „Силекс неметали – Кратово“ добија забрана за учество во јавни набавки за три години.
Судот за нив определели и конфискација на имот во вредност од една милијарда и 60 милиони денари.
Сеад Кочан, Василие Авировиќ и Сафет Ватиќ, и фирмите „Трансмет“, „Силекс неметали – Кратово“ и „Вато“ беа обвинети за злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство.
Судењето почна во ноември 2017 година и траеше 8,5 месеци.
Според обвинението, Кочан и Авировиќ со фалсификувани документи учестувале и добиле тендери за ископ на јаглен и јаловина во РЕК „Битола“ на АД ЕЛЕМ вреден 17 милиони евра. Тие на ЕЛЕМ му доставиле лажна документација во која прикажале наводна сопственост на тешка механизација за ископување, која ја немале и не ја набавиле, а таа што ја имале била со помал капацитет.
Сите обвинети се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и дека не сториле никакво кривично дело.
На судењето беа преслушани и 13 телефонски разговори, а беше изведена и бројна сметководствена и друга документација.







