Левицата не ја продава Македонија. Левицата го спасува културното и историското наследство на грчката Македонија. Ова го прави левицата со Договорот од Преспа, порача грчкиот премиер Алексис Ципрас од партискиот политички настан организиран од СИРИЗА во Солун.
Ципрас, во 50 минутното обраќање, говореше и за Договорот од Преспа, рече дека цели 25 години национализмите и од двете страни на границата спречувале секаков обид за решение, а тие постигнале решение „во корист на Грција, на грчката Македонија, на Балканот и во корист на мирот, соработката и заеднички развој во регионот“.
„Граѓани на Солун, но и вие кои не гледате од ТВ приемниците, Македонки и Македонци, сега е часот на националната логика, но и на националната чувствителност. Затоа што Договорот од Преспа става конечен крај на фалсификувањето на нашата историја.
„Го затвора конечно и неповратно провоцирачкото присвојување на античката грчка Македонија. Ја затвора конечно и неповратно парадоксалноста на иредентизмот од поранешната југословенска Република Македонија, на јасен начин, што секако оттука па натаму ќе се впечати и во Уставот на соседната земја, рече Ципрас и порача дека „соседната земја само кога ќе ги заврши обврските во целост, одредени од договорот, тогаш ќе се интегрира во меѓународните организации и на глобално ниво ќе биде признаена под новото име“.







