Русија може да ја продолжи сегашната амнестија за враќање на капиталот од странство во државата за уште една година за своите државјани, изјави претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин.
Сегашниот закон, кој овозможува пријавување на средства во странство без казна, истекува во март, пренесуваат руските медиуми.
„Постои можност да се продолжи амнестијата за капиталот за уште најмалку една година за оние граѓани кои своите пари ги префрлаат во Русија и кои, исто така, го регистрираат своето работење во специјални административни области“, рече Путин вчера на бизнис форумот „Деловаја Росија“ во Москва.
Руските бизнисмени во странство можат под посебни законски услови повторно да го регистрираат своето работење во татковината, во Калининград, во најзападниот дел од земјата, како и во Владивосток, на истокот на Русија. Претседателот Путин, исто така, призна дека пропустите во националното законодавство и недостатокот на безбедносни гаранции за приватната своина ги навеле руските граѓани да го преселат својот капитал надвор од земјата.
Актуелните услови за амнестија на капиталот, смислени за да го поттикнат враќањето на парите во Русија, важат до 1 март 2019 година. Законот им овозможува на поединци да ги известат даночните органи за имотот, за контрола над странски компании, за сметки во банки лоцирани надвор од Русија во замена за ослободување од даночна, управна и кривична одговорност.
Амнестијата се однесува на сите приходи, деловни операции и трансакции поврзани за средства и сметки во странство.
Путин понуди и отпис на данок на личен приход за една година, ако поединецот кој ја контролира странската компанија одлучи да стане руски даночен обврзник оваа година.
Доброволното пријавување на имотите и сметките во банките во странство во Русија почна во 2015 година. До крајот на јуни 2016 година, до кога таа мерка првично беше на сила, биле поднесени повеќе од 7.000 пријави.
Втората рунда на амнестија на капиталот почна во 2017 година и беше продолжена лани за една година.
„Минатогодишното продолжување и се исплатеше на руската влада, со оглед на тоа дека бизнисмените пријавија околу 10 милијарди евра актива од странство“, изјави рускиот министер за финансии Антон Силуанов.







