На Големата сцена на Театарот „Јордан Х. К.- Џинот“, Велес, вечер со почеток во 20 часот ќе гостува независниот театар „Провокација“ со хит-комедијата „Првин ќе ме земеш, после ќе ме…“ во режија на Ѓорѓи Ризевски, со актерите Роберт Ристов, Мирјана Поповска Ристов и Дарко Вељиќ.
Како што појаснуваат од велешки театар, станува збор за реално комично шоу кое веќе трета сезона се изведува на сцената на Театар „Комедија“ и досега има над 50 изведби во повеќе градови во Македонија.
Џота и Кети се ликовите кои се пријавени да учествуваат во реално шоу и двајцата се со поодминати години за мажење/женење, и двајцата со различни животни стории кои оставиле болни траги врз нивните животи.
Тука е и келнерот, кој е водител на шоуто и кој комуницира со публиката.
На секоја изведба публиката, по пат на гласање ги избира сцените кои сака да ги погледне, и со тоа, самата таа избира накаде ќе се развива претставата.
Секој избор завршува со конфликтна ситуација која нуди нови три избори, по што публиката повторно гласа.
Ова е принципот по кој се гради претстава и заради кој секоја изведба е непредвидлива и за публиката и за актерите и е поразлична од претходната.
Костимите за претставата се на Елена Лука, а сценографијата на Роберт Ристов, кој токму за улогата на Џота ја доби наградата од меѓународното жири на НЕТА за најдобра машка улога на фестивал „Ристо Шишков“ во Струмица.







