Новиот тренер на европскиот ракометен шампион Вардар, Давид Писонеро, за веб-страницата на клубот изјави дека се чувствува многу добро во Скопје.
Тој вели дека добил многу добра препорака за градот од неговите пријатели како добро место за работа и живеење.
Новиот тренер има сериозна цел, да го повтори она што неговите претходници веќе го направија – да научи македонски.
Тој смета дека она што го има Вардар е навистина извонредно.
„Кога влегов во салата, се возбудив. Го гледаш ова култно место. Се изгледа поинаку кога си тука, на терен, на клупата и горе го гледаш семафорот. Ракометот тука поинаку се доживува, сè е посветено на овој спорт. Тоа е разликата со Шпанија“, вели Писонеро.
„Црвено-црните“ летоска привлекоа шест нови ракометари, но шпанскиот тренер е задоволен што тимот го задржал костурот и е на исто ниво како досега.
„Клубот направи добра работа што го задржи костурот и тимот е на исто ниво како и досега. Милам дека треба мали промени да се направат и да се продолжи во истата насока. Засега тимот е тој што го имаме. Имам други работи да направам за да ја склопам сложувалката“, вели Писонеро.
СЕХА-лигата и ЕХФ-лигата се главните предизвици за „црвено-црните”.
Во СЕХА-лигата тимот ќе биде во група со два нови тима, Мотор Запорожје и
Татабања, заедно со Нексе, Татран и Војводина.
Според тренерот на вардарци, СЕХА е добра основа за подготовка за ЛШ.
„СЕХА-лигата секоја година се подобрува и станува многу силна. Тоа е добра основа за подготовка за ЛШ. Сега имаме и нови тимови како Веспрем, Мотор и Татабања и тие се добри. Има 8 екипи што секогаш можат да бидат во самиот врв. Затоа секој натпревар ќе биде интересен и неизвесен“, смета Писонеро.
Во ЕХФ-лигата на шампионите Вардар е во група со Веспрем, Кјелце, Мешков, Мотор, Монпелје, Порто и Кил, а тренерот таму очекува неизвесна битка.
„Во ЛШ ќе биде исто така неизвесно, можеби нема многу звучни имиња, но сите се еднакво добри, доаѓа Кјелце, Веспрем, а тие играа на Ф4- турнирот. И Кил е голем клуб. Сите натпревари ќе бидат неизвесни и интересни“, вели Шпанецот, цитиран од веб-страницата на Вардар.
За утре е закажана првата прозивка кога новиот тим ќе ги почне подготовките за сезоната во која ќе брани три важни трофеи, во првенството на Македонија, во СЕХА Газпром лигата и во ЕХФ Лигата на шампионите.
По Скопје, тимот заминува за Требиње на подготовки и турнир, па на крајот на август ќе игра на Супер глоуб во Саудиска Арабија.
Писонеро е третиот шпански тренер што ќе седне на клупата на „црвеноцрните”, по Раул Гонзалес и Роберто Парондо.







