Маскирани демонстранти вечерва повторно се судрија со полицијата во центарот на Барселона, на петиот ден од протестот поради изрекувањето на затворски казни на каталонски сепаратистички водачи.
Демонстрантите фрлаат камења и конзерви на полицајците и запалија канти за ѓубре на еден од главните булевари, пренесува Ројтерс.
Илјадници од нив со каталонски знамиња извикуваат „Слобода за политичките затвореници“.
https://www.youtube.com/watch?v=cOm9wp5Mv_Q
Патиштата кои водат кон градот се блокирани поради масовниот протест по одлуката на Врховниот суд за затворските казни.
Синдикатите повикуваат на генерален штрајк, а учениците ги бојкотираат часовите трет ден по ред.
Шпанското Министерство за внатрешни работи распореди огромен број полицајци во градот и предупреди дека ќе реагира на каков било инцидент предизвикан од толпата народ.
„Во текот на неделата, како што знаете, имаше насилни инциденти во Каталонија. Нив ги организираа помали групи, кои се многу добро организирани“, рече утринава шпанскиот министер за внатрешни работи Фернандо Гранде – Марласка и истакна дека тоа нема да помине неказнето.
Неколку главни улици во Барселона се затвроени за сообраќај поради демонстрациите, додека регионалните возови и градското метро работат со редуциран возен ред.
Главното обележје на Барселона, катедралата Саграда фамилиа, денес е затврена, а фудбалскиот натпревар меѓу Барселона и Реал Мадрид, кој требаше да се одигра на 26 откромври, е одложен од безбедносни причини.








