Фудбалерите на Челси на свој терен ја победија екипата на Њукасл со 1:0, во натпревар од деветото коло од Премиер лигата. Единствениот гол, вреден три бода, го постигна Маркос Алонсо во 73 минута.
Челси ја запиша петата победа и моментно е трет на табелата со 17 бодови, додека Њукасл е на 18 место со само осум освоени бодови.
Фудбалерите на Лестер, дома, беа подобри од Барнли со 2:1, иако гостите поведоа во 26 минута со погодокот на Крис Вуд. Сепак, „лисиците“ дојдоа до пресврт со головите на Џејми Варди во 45 и Јуриј Тилеманс во 74 минута.
Лестер е втор на табелата со 17 бодови, а Барнли сега е осми со 12.
Тотенхем и Вотфорд одиграа нерешено 1:1. абдулај Дукуре во шестата минута донесе предност на Вотфорд, а изедначувањето го донесе Деле Али во 86 минута.
Сега Тотенхем е седми на табелата на Премиер лигата со 12 бодови, додека Вотфорд е последен со само четири освоени бодови.
Со резултат 1:1 е завршен натпреварот меѓу Вулверхемптон и Саутемптон, Астон Вила на свој терен го победи Брајтон со 2:1, додека Борнмут и Норич одиграа без голови.
Манчестер сити денеска славеше против Кристал Палас со 2:0 со головите на Габриел Жесус во 39-та и на Давид Силва во 41 минута.
Сити има 19 бодови, пет помалку од водечкиот Ливерпул, а Палас со 14 бодови е шести.







