Некогашниот главен советник на актуелниот американски претседател Доналд Трамп во текот на претседателската кампања во 2016 година, Пол Манафорт, ја застапува теоријата дека Украина, а не Русија, е одговорна за хакирање на информациите на Демократската партија.
Ова откритие произлегува од неодамна објавените документи на американското Министерство за правда, низ прегледот на испитувањата и електронската пошта на лицата во истрагата на специјалниот истражител Роберт Малер за, наводно, руско мешање во претседателските избори во 2016-та.
Меѓу 500 страници документи, кои им се ставени на располагање на американските медиуми „Базфид“ и Си-Ен-Ен, на нивно барање, согласно правото на пристап до информации од јавен интерес, објавени се разговори со некогашниот заменик на изборната кампања на Трамп, Рик Гејтс и поранешниот водечки советник на претседателот, Стив Бенон.
Гејтс, според записот од сведочењето во ФБИ, рекол дека тогашниот шеф на изборниот штаб на Трамп, Манафорт, им зборувал на колегите дека хакирањето на мејловите на Демократската партија веројатно е дело на Украинците, а не на Русите. Гејтс, исто така, изјавил дека видни лица од нивниот штаб биле уверени дека Киев ја „наместил работата“ за да се обвини Москва за упадот во системот на „демократите“.
Документите откриваат дека Трамп, неговите водечки советници и членови на семејството, повеќе пати разговарале за тоа како да дојдат до мејлови до кои стигнал „Викиликс“, кој во јули 2016 година почна да објавува илјадници мејлови од управата на американската Демократска партија.
Објавената преписка меѓу Бенон и Џаред Кушнер, советник на Трамп и негов зет, сведочат за предлозите да се прибават и анализираат мејлови на противкандидатката на Трамп на претседателските избори, Хилари Клинтон.
Американските разузнувачки служби тогаш тврдеа дека тие податоци се добиени благодарение на руски шпиони и му се предадени на „Викиликс“. Сега оваа приказна добива „украински обрт“.
Новите информации врзани за Украина се појавуваат не само при вжештување на кампањата за претседателски избори во САД, туку во моментот кога Претставничкиот дом на американскиот Конгрес ја усвои резолуцијата со која се дава официјална рамка на истрагата за отповикување на Трамп, токму поради наводни притисоци на Киев.
Шефот на Белата куќа демократите го обвинуваат за притисок на раководството на Киев да го истражи потенцијалниот изборен ривал на Трамп, демократот Џозеф Бајден и неговиот син Хантер Бајден, кој некогаш работел во Украина.







