Најмалку едно лице загина, а три се ранети кога студент отвори оган на факултет во Благовешченск, на далечниот исток на Русија во регионот Амур, а потоа изврши самоубиство.
„Телата на двете момчиња, меѓу кои е и напаѓачот, пронајдени се на местото каде што се случил инцидентот. Според прелиминарните информации, три лица се ранети“, соопшти полицијата од таа област.
Во соопштението се наведува дека едно момче наишло на полициска патрола и ги информирало за случувањето на факултетот.
Полицијата го воочила напаѓачот на вториот спрат на зградата кој отворил оган и врз нив.
ТАСС пренесува дека полицајците возвратиле на огнот и дека никој од нив не е повреден.
Се верува дека личниот судир што напаѓачот го имал со колегите од факултетот е можен мотив на нападот.
Извори од службата за вонредни состојби претходно изјавија за руската новинаска агенција дека напаѓачот почнал да пука откако му било речено да ја напушти училницата затоа што задоцнил на часот.







