Заменик градоначалникот на Општина Штип Јане Миланов денеска потпишал барање до Владата, во кое навел Министерството за транспорт и врски да почне со тендерите за изградба на брана на река Отиња.
– Тоа е барање, информација до Владата со кое со процените суми и проекти ќе распише тендер за изградба на брана на река Отиња. Со овој чекор почнува и остварување на оној децениски сон на сите граѓани на Општина Штип и мислам дека многу брзо можеме да очекуваме и конкретни активности на терен, вели Миланов.
Целокупната документација, студии и дозволите кои беа потребни за реализација на браната беа направени во изминатите неполни три години, додека градоначалник беше токму актуелниот министер за транспорт и врски, Благој Бочварски. Браната чини 7,5 милиони евра и комплетно ќе се гради со средства од буџетот на Владата.
Изградбата е планирано да се одвива од две и пол до три години.







