Никола Груевски, Мартин Протоѓер, Кирил Божиновски и Сашо Мијалков не ги земаат поканите за распит во Специјалното јавно обвинителство.
Првите тројца се повикани да дадат исказ за случајот „Талир“, за нелегално финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, а Мијалков за други истраги.
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, во изјава за агенцијата „Макфакс“, вели дека од обвинителството нема да бараат тие да бидат спроведени стражарно со полиција.
„Нема да правиме жртви од четворицата. И во нивен интерес беше да се појават во СЈО и да дадат исказ, како и да направат увид во доказниот материјал или да достават нови докази. До истекот на законскиот рок ние ќе покренеме обвиненија за сите постапки за коишто веќе ги завршивме истрагите, а во кои како осомничени се јавуваат и споменатите поранешни високи функционери.
Експремиерот Груевски кој вчера требаше да даде исказ пред СЈО, заминал неколку денови во странство, а неговото обезбедување, со денови одбива да ги прими поканите.
Поранешниот прв човек на Владата досега само еднаш беше во СЈО, кога во исто време дал изјава за случаите „Титаник“ и „ТНТ“, за изборни манипулации и за вмешаност во рушењето на објектот „Космос“, сопственост на Фијат Цановски.
Мартин Протоѓер, исто така, само еднаш се појавил да даде исказ пред истражителите за случајот „Титаник“, кога се пожалил на здравствени проблеми. Од тогаш одбива да ги прими поканите.
На одредениот термин за давање исказ вчера во СЈО не се појавил ниту генералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски, чие отсуство било „оправдано“ со неодложни обврски од неговиот адвокат по е-пошта, но неколку часа подоцна.
Сашо Мијалков, еднаш се појави во СЈО во април годинава, кога даваше исказ за случајот „Тортура“ поврзан со апсењето на Љубе Бошковски. Неодамна го примил известувањето дека е завршена истрагата за овој случај, но не ги прима поканите за други случаи.
Поради проблемите со доставата, од СЈО велат дека ангажирале и една доставна служба, но и тоа не ги подобрило работите.
Паралелно со повикувањето на распит на осомничени, оштетени лица или сведоци, од СЈО работат на докомлетирање на сите отворени случаи и се надеваат дека речиси сите ќе завршат со обвиненија до 30 јуни.
И покрај тоа што уште во април е покренато обвинението за случајот „Транспортер“, во СЈО сé уште немаат никаква повратна информација од Кривичниот суд кога ќе биде закажано рочиште.







