Британската влада го претстави новиот план за вработување во Националната здравствена служба, во кој планира да инвестира 2,4 милијарди фунти, потег без преседан во обид да се справи со кадровската криза во таа јавна институција.
Институцијата која е во центарот на британскиот повоен национален идентитет, претрпе кризна зима, а британскиот премиер, Риши Сунак, го вклучи намалувањето на листите на чекање на пациентите меѓу неговите пет приоритети за оваа година.
„Оваа влада го спроведува најголемото поединечно проширување на образованието и оспособувањето во здравството во неговата историја. Ова е план за вложувањаи план за реформа“, рече Сунак.
Во здравството во моментов има околу 112.000 непополнети работни места, а тој јаз може да се зголеми повеќе од тројно до 2037 година, ако не се превземат мерки, се наведува во владиниот план, и во него се истакнува дека ќе бидат инвестирани 2,4 милијарди фунти (3 милијарди американски долари) државни пари, во текот на пет години.
До 2031 година, Националната здравствена служба има за цел да ги удвои местата за пракса на уќениците од медицинските школи на 15.000, да го зголеми за 50 отсто бројот на места за обука за лекари и речиси двојно да го зголеми бројот на места за обука за возрасните медицински сестри.
После пандемијата со „Ковид-19“, во која вработените во здравствениот систем добија пофалби за нивната работа во лекувањето на заболените, лекарите и медицинските сестри штрајкуваа поради ниските плати и незадоволството од несоодветниот персонал, за којшто многумина велат дека ги спречува во вршењето на нивната работа. Планот на Владата за зголемување на бројот на потребниот медицински персонал се обидува да реши дел од овие проблеми.
Заедно со некои други мерки за задржување на персоналот, планот ќе му помогне на здравствениот систем да добие дополнителни 60.000 лекари, 170.000 медицински сестри и 71.000 сродни здравствени работници до 2036 – 37 година, се наведува во планот.
Сунак призна дека вкупните листи на чекање за лекување ќе продолжат да растат во втората половина од оваа година, но, рече, дека бројот на пациенти кои чекаат повеќе од 18 месеци за лекување е намален, и дека било подобрено времето за одговор на итните служби на повиците за помош.
(Фото: Гети имиџис)







