Австриската канцеларка Бригите Бирлајн е разочарана што на Самитот на ЕУ не е донесена одлука за почеток на пристапните преговори на Албанија и Северна Македонија, истакнувајќи дека тоа не е добар знак за солидарноста во Унијата, ниту за безбедноста во регионот.
„Тоа е за жалење. Австрија и другите земји се залагаа за почеток на пристапните преговори“, кажа Бирлајн пред почетокот на вториот ден од Самитот во Брисел.
Австриската канцеларка смета дека Северна Македонија и Албанија ги исполнија условите на ЕК и дека имаат право на пристапни преговори.
„Пристапните преговори би биле добар знак за солидарноста во Унијата, како и за безбедноста во регионот“, порача Бирлајн.
Таа, наведе, дека денеска разговарала со премиерите на Северна Македонија и Албанија кои и пренеле разочараност.
„Тие се многу разочарани. Ги уверив дека и понатаму ќе ги поддржуваме“, кажа Бирлајн.
Одлуката за пристапни преговори со Северна Македонија не е донесена поради, како што пренесуваат австриските медиуми, противењето на претседателот на Франција Емануел Макрон, а Албанија ја „блокирале“ премиерите на Данска и Холандија, Мете Фредериксен и Марк Руте.
ИЗВОР: МИА







