Високиот кинески претставник за надворешна политика, Ванг Ји, и американскиот државен секретар, Антони Блинкен, се сретнаа денеска во Пекинг, на вториот ден од официјалната посета на Блинкен на Кина.
Во хиерархијата на моќта Ванг е над кинескиот министер за надворешни работи Куин Ганг.
Блинкен е првиот американски државен секретар што дошол во службена посета на Кина од 2018 година, а пристигна во услови на зголемена напнатост меѓу ривалските сили.
Вчера Блинкен разговараше со Куин седум и пол часа – многу подолго од планираното. За време на нивниот состанок, тој истакнал дека Соединетите Американски Држави ја следат „визијата за свет кој е слободен, отворен и поддржува меѓународен поредок заснован на правила“.
Американскиот државен секретар го покани кинескиот министер за надворешни работи во Вашингтон, а двете страни рекоа дека разговорите биле искрени и конструктивни.
Постојат шпекулации дека Блинкен би можел да се сретне со кинескиот претседател Кси Џинпинг денеска попладнево, но засега за тоа нема потврда од официјален Пекинг.
Ако средбата се одржи, тоа ќе се смета како посебен гест на владата во Пекинг.
За време на својата прва посета на Кина во својство на највисоко рангиран американски дипломат, Блинкен се осврна на низа спорни прашања, но и подрачја во кои Пекинг и Вашингтон би можеле да соработуваат, објави американскиот Стејт департмент.
САД и Кина имаат еден од најважните билатерални односи во светот.
Тие врски се сериозно затегнати поради низа прашања, како што се поддршката на Кина за руската војна во Украина, заканите од Пекинг за Тајван и тековните трговски спорови во области како што се напредните компјутерски чипови.
(Фото: АФП)







