Лидерот на „Обединети за Македонија“, Љубе Бошкоски, денеска во Македонски Брод присуствуваше на отворањето на нов партиски штаб од каде што изјави дека е можна соработка со новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, но само ако тој се огради од политиките на Никола Груевски.
„Нека каже дека не ја поддржува политиката на лаги, криминал и корупција и дали ќе ги врати изворните принципи на ВМРО-ДПМНЕ. Дали ќе каже дека Никола Груевски и тие околу него се она што цело време зборував – ‘банда криминална’. Сето тоа се работи од кои ќе зависи дали ќе му ја дадеме поддршката, до тогаш немаме намера ниту куртоазна поддршка да дадеме. Доколку се дистанцира од таа политика, можеме да разговараме за наша соработка како две десничарски партии“, рече Бошкоски.
Тој исто така потенцираше дека „Обединети за Македонија“ немаат тенденции да бидат единствена десничарска партија и дека ги негуваат традициите на историското ВМРО.
„Има многу прашања, ни велат како ќе ги придобиеме тврдокорните вмровци ако сум во друштво со Заев, кој бил непријател на тврдокорните вмровци. Заев не е непријател на ВМРО ниту на ВМРО-ДПМНЕ. Најголемиот непријател на сите нас од ВМРО-ДПМНЕ е Никола Груевски и никој друг, тој не натера сите што бевме основачи да го напуштиме ВМРО-ДПМНЕ“, посочи Бошкоски во своето обраќање.
Тој исто така истакна дека Заев ќе ја има поддршката од „Обединети за Македонија“ се додека постои заедничка стратегија и заеднички мислења по однос на важните прашања.







