„Европската унија нема да ѝ исплати на Полска најголемиот дел од 75 милијарди евра средства за развој кои се наменети за неа до 2027 година, ако не го подобри своето судство“, изјави денеска портпаролот на Европската комисија.
Повикувајќи се на лошиот судски систем во Полска, ЕК веќе замрзна околу 35 милијарди евра доделени на таа земја од заедничкиот фонд за економски стимулации за помош на економиите да се опорават од падот предизвикан од пандемијата со Ковид-19.
Комисијата сега предупреди дека речиси сите таканаречени кохезиски фондови на Полска, од заедничкиот буџет на 27-члениот блок за периодот 2021-2027 година, се доведени во прашање бидејќи Варшава не ги исполнува демократските стандарди за независност на судството.
„Поради неусогласеност, Комисијата не може да изврши компензација за полските побарувања“, изјави портпаролот Стефан де Керсмакер, додавајќи дека единствен исклучок е мал дел од парите наменети за техничка помош за донесување на развојни проекти, а не за нивна реализација.
Владејачка полска партија Право и правда (ПиС), која е на власт од 2015 година, изврши реформи на полските судови, при што некои судии кои ја критикувале владата биле разрешени, а оние кои ја поддржуваат владата биле унапредени на највисоки позиции.
ЕУ и многу меѓународни организации за следење и почитување на човековите права тврдат дека ПиС ги прекршила демократските принципи и ја урна независноста на судовите во таа поранешна комунистичка земја со 38 милиони жители, најголемата на источниот раб на европскиот блок.
Од приклучувањето кон ЕУ во 2004 година, Полска е најголемиот примател на помош од заедничкиот буџет.







