ВМРО-ДПМНЕ повторно упати критики до лидерот на СДСМ, Венко Филипче, и опозициската партија во врска со нивните тврдења за работењето на Алта банка и наводната забрана за нејзина работа во Европската Унија.
Од партијата обвинуваат дека СДСМ и Филипче со денови ширеле паника меѓу граѓаните, изнесувајќи тврдења дека банката е неликвидна, дека може да пропадне и дека постои опасност граѓаните да ги загубат своите средства.
Според ВМРО-ДПМНЕ, овие тврдења се покажале како неточни, а во меѓувреме се отвориле прашања за деловните релации на СДСМ и ДУИ со Алта банка и Давор Мацура.
Од владејачката партија посочуваат дека СДСМ претходно барала надзорна расправа, но сега, како што тврдат, Филипче и неговата партија избегнуваат продолжување на расправата и соочување со прашањата.
„Кога обвинуваат, СДС и Филипче се гласни. Кога треба да одговараат, молчат“, е пораката од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата бараат Филипче и СДСМ да одговорат кој ја говорел вистината за Алта банка, зошто биле изнесувани тврдења за нејзината стабилност и поради кои причини, според нив, сега се избегнува надзорната расправа.
ВМРО-ДПМНЕ порачува дека опозицијата треба да понуди конкретни одговори и факти за сите отворени прашања и дека, како што наведуваат, не може да се избегне одговорноста со молчење.







