„Косово купи серија беспилотни летала ‘Бајрактар’ од турско производство, во време кога се соочува со немири на северот на земјата“, напиша вчера на социјалните мрежи премиерот Албин Курти.
Во објавата на Фејсбук на која е прикажан пред беспилотно летало со министерот за одбрана, Курти истакна дека најновата одбранбена аквизиција ја прави земјата побезбедна.
Тој не кажа за колкав број дронови се работи, ниту за што ќе се користат.
Беспилотните летала „Бајрактар“ ја должат својата глобална препознатливост на фактот што ги користеше украинската армија против руските сили.
„Косово сега е уште побезбедно и секогаш гордо“, наведе Курти на Фејсбук, додавајќи дека неговата влада во последните две години го зголемила бројот на војници за 80 отсто, а буџетот за одбрана за повеќе од 100 отсто.
Косово гради армија која треба да има 5.000 редовни војници и 3.000 резервисти.
НАТО во таа земја со 1,8 милиони жители има 4.500 мировници.
Во последниве месеци, Косово се соочи со најлошото етничко насилство на северот, каде што живеат околу 50.000 Срби, кои се поддржани од Белград.
Проблемите избувнаа во мај откако косовските градоначалници на северот ја презедоа функцијата по локалните избори бојкотирани од Србите кои бараа формирање на Заедница на српски општини (ЗСУ).
Косово има за цел да се приклучи на НАТО, но четири членки на Алијансата сè уште не ја признаваат нејзината независност од Србија од 2008 година.
После насилствата во мај, српскиот претседател Александар Вучиќ ја стави армијата во борбена готовност и ги придвижи единиците поблиску до границата со Косово.
(Фото: Фејсбук / Албин Курти)







