Еден од најопасните и најбараните италијански бегалци, мафијашот Винченцо Ла Порта, после 11 години успешно криење од полицијата, е фатен, откако претходно бил снимен како страсно слави со други навивачи на неговиот омилен фудбалски клуб – Наполи.
Шеесетгодишникот, за кој се верува дека има блиски врски со криминалната група Камора, бил препознаен од неаполските карабинери на фотографија направена за време на прославата за шампионската титула во италијанската лига на Наполи, освоена по повеќе од три децении.
„Она што го предаде беше неговата страст за фудбалот и за Наполи“, изјавија карабинерите.
„Поради победата во првенството, Ла Порта едноставно не можеше да одолее, а да не излезе и да слави“, додаваат припадниците на органите на редот.
Ла Порта претходно беше осуден во отсуство за криминално здружување, даночно затајување и измама.
Уапсен е во петокот додека се возел на мопед на грчкиот остров Крф и моментално е во екстрадициски притвор таму и чека траснферирање во Италија.
Ако навистина и боде екстрадиран – а нема индикации дека тоа би можел да го избегне – го чека казна затвор од 14 години и четири месеци.
Адвокатот на Ла Порта за агенцијата АП изјави дека тој „засновал ново семејство во Грција“.
„Има деветгодишен син и работи како готвач за да врзе крај со крај. Страда од срцеви заболувања. Ако биде екстрадиран, тој и неговото семејство ќе бидат уништени”.
Италијанските власти беа многу упорни во потрагата по Ла Порта, ги следеа неговите финансиски и интернет движења и чекаа тој да направи грешка.
Тој момент конечно дојде во мај, кога по долги 33 години Наполи дојде до толку посакуваното „скудето“. Во група навивачи на Наполи на балкон на ресторан на Крф, Ла Порта, со капа на глава, мафтал со знаме и се радувал, но ја имал таа несреќа што некој го снимил тој момент и го споделил на социјалните мрежи.
Карабинерите испратиле свои луѓе во Грција, јавува Би-Би-Си, и со помош на локалните колеги во петокот го уапсија Ла Порта.







