Протекувањето на доверливи воени документи кои беа објавени на социјалните мрежи ги вознемири американските служби, кои се обидуваат да го откријат изворот за кој некои безбедносни експерти се сомневаат дека може да биде некој од САД.
Официјални лица рекоа дека широчината на темите опфатени во документите — од војната во Украина до прашањата поврзани со Кина, Блискиот Исток и Африка — укажуваат на Американец, отколку на некој сојузник.
„На ставот сме дека ова е ‘американско протекување’ бидејќи бројни документи ги поседувале само САД, а не и некој друг“, изјави за Ројтерс поранешниот висок функционер на Пентагон, Мајкл Малрој.
Американските власти истакнаа дека истрагата, која сè уште е во рана фаза, не ја исклучува можноста проруските елементи да се поврзани со протекувањето на документот, што се смета за најсериозно нарушување на безбедноста од 2013 година, кога на Викиликс беа објавени повеќе од 700.000 документи.
Руската амбасада во Вашингтон и Кремљ не одговорија на барањето за коментар.
Двајца американски функционери вчера изјавија за „Ројтерс“ дека не ја исклучуваат можноста документите да се фалсификувани за да се доведат во заблуда истражителите или да се шират лажни информации на штета на САД.
„Ројтерс„ наведува дека не ја потврдил автентичноста на документите, но се чини дека некои податоци за проценките на жртвите на бојното поле во Украина се изменети за да се минимизира бројот на руски жртви.
Американските разузнавачки агенции и војската истражуваат колку често интерно се разменуваат чувствителни документи и ги разгледуваат можните мотиви за протекувањето кои би ги имал некој американски функционер или група.
Истрагата е фокусирана на неколку теории – од незадоволен вработен до инсајдерска закана која сака да ги поткопа националните интереси на Америка.
Иако доверливите документи беа објавени пред неколку недели, за нив првпат се извести во петокот од „Њујорк Тајмс“.






