Грчката полиција откри 41 мигрант во камион-ладилник на автопатот во северниот дел од државата. Тие се пронајдени при рутинска контрола на автомобили и камиони.
За среќа системот за ладење бил исклучен и мигрантите минале без повреди, соопшти Теодорос Хронопулос, претставник на полицијата.
Помал број мигранти превентивно се однесени во болница, додека останатите се префрлени во полициска станица за да биде направена идентификација.
Возачот на камионот, четириесетгодишен Грузиец, е уапсен.
Грчките медиуми направија паралела на овој случај со неодамнешното трагично откритие на 39 загинати Виетнамци во камион-ладилник во Велика Британија.
Во изминативе недели во Грција е зголемен бројот на случаи за криумчарење на мигранти.







