Новата генерација на популарниот мал градски автомобил „панда“ добива електричен погон и преминува во класата погоре. Идниот кросовер на „Фиат“ од Б-класа ќе се произведува во Крагуевац.
Работниците во фабриката веќе ја завршија обуката, а првите возила ќе излезат следната година.
Овој модел долг околу четири метри игра клучна улога во стратегијата на производителот од Торино да го задржи видното место на светскиот пазар на мали градски автомобили.
„Сакаме да се позиционираме, секому да му овозможиме мало, евтино и ефикасно електрично возило.
Новото возило ќе се вика „пандлина“, а ќе се продава на сите континенти и со безброј персонализации за одредени пазари“, најави Карлос Таварес, директор на групацијата „Стелантис“.
Новата „панда“ ќе се произведува во Србија, Бразил и Мароко.
Фабриката во Крагуевац, каде до лани се произведуваше „Фиат 500Л“, ќе биде првата фабрика за масовно произведени електрични возила на Балканот.
Се очекува новата „панда“ да стане многу популарна во регионот, благодарение на поволните цени.
Наједноставната хибридна верзија би требало да чини околу 15.000 евра, а електричната со „домет“ од 200 километри околу 20.000 евра.







